Македонската кошаркарска репрезентација против стариот свој добар познаник Естонија вечерва од 19 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје ги почнува квалификациите за Евробаскетот 2025.
Избраниците на Александар Јончевски пред себе имаат мегдан против тим кој и тоа како ни должи, за позитивен почеток во групата во која сме уште и со европскиот гигант Литванија како и со еден од ко-домаќините на наредниот Евробаскет, селекцијата на Полска.
Македонија се уште го памети поразот од Естонците во претходните квалификации за ЕП по кој се загубија шансите за настап на собирот на најдобрите на Стариот континент. Силна е сега желбата за реванш иако е факт дека Естонија е повторно фаворит со сиот оној свој евролигашки состав.
„Добро ја познаваме Естонија, исклучително квалитетна селекција со комплетен состав од евролигашки кошаркари. Но, мислам дека сме максимално подготвени за овој натпревар. Не сакаме многу притисок да ставаме на овој меч затоа што имаме уште пет меча после него, но свесни сме дека мора да го заштитиме домашниот терен и секако ќе се обидеме да дојдеме до победата“ – вели најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ пред денешниот натпревар, лидерт на оваа генерација македонски кошаркари.
Во тимот на Јончевски ќе биде и Војдан Стојановски, кој според последните информации се чувствува подготвен за денешниот предизвик, иако беше неизвесен по повредата во финалето од Купот на Македонија.
Сите во македонската селекција, како што велат, се силно мотивирани да ги „наплатат“ старите долгови на Естонците и да потврдат дека Македонија може да дојде до место кое води на собирот на најдобрите 24. европски селекции!
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2025
ГРУПА Х (1. КОЛО)
МАКЕДОНИЈА – Естонија (СРЦ „Кале“, Скопје – денеска, 19 ч.)
Литванија – Полска 83-64
ТАБЕЛА
1. Литванија 1 1 0 83:64 2
2.Полска 1 0 1 64:83 1
3.МАКЕДОНИЈА – – – –
4.Естонија – – – – –
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА