ЕКИПА во Кардиф, Велс
Владимир Булатовиќ
Македонскиот селектор Благоја Милевски и капитенот Енис Барди едногласно истакнаа дека се свесни дека зад себе ја имаат цела Македонија како поддршка за финален успех на утрешниот последен натпревар во квалификациите за СП 2026 против Велс среде Кардиф.
Милевски потенцираше дека треба да им се честита на сите македонски репрезентативци за се што направија досега во овие квалификации а утре само гордо секој од нив да излезе на теренот среде Велс и да го даде максимумот за финалниот чекор до посакуваната цел.
Еднакво е мислењето и на капитенот Енис Барди…
„Да бидам искрен, ние, како што рече селекторот, некогаш поради притисок затоа што сакаме да дадеме се од себе, забораваме да уживаме во моментот кога сме на терен. Забораваме на основното а тоа е љубовта кон фудбалот, и љубовта кон репрезентацијата и нејзиниот успех. Заборавеме дека веќе навистина сме постигнале успех и сме дошле до тоа да сме 14 натпревари по ред без пораз. Затоа и јас сакам утре секој од нас да ужива на теренот, и низ максимална борба гордо да дојдеме до посакуваниот резултат. Сите чувствуваме дека цела Македонија е зад нас, ја чувствуваме таа поддршка без разлика што ќе имаме само 700 навивачи согласно правилата на ФИФА на трибините. Но, знаеме дека цела држава е со поддршка за нас“ – рече Барди и дополни:
„И не сакам некој да ме разбере погрешно… Под тоа уживање не се разбира дека треба релаксирано да пристапиме на мечот задоволни со тоа што сме дошле до тука. Напротив. Секој од нас е повеќе од свесен за тоа што не чека, а тоа уживање во фудбалската игра може само да ни помогне на терен да го покажеме полесно сиот свој квалитет“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

