Да се биде или не… Меч за останување во трката за ЕП 2020!

Македонската репрезентација го игра, се чини, клучниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020 во желбата за финално останување во трката за водечките две позиции во Групата Г. Директната пресметка со Словенија на арената „Тодор Проески“ во Скопје дефинитивно ќе го даде одговорот која од двете селекции ќе остане со сонот за настап на ЕП.

За сето тоа повеќе од свесни се во националниот табор од каде, како никогаш претходно со силен оптимизам се најавува атак на трите бода против Словенците…

„Очекувам добар натпревар, дуел на слични репрезентации на теренот. Имаме две отсуства, за нас тоа е проблем, но на терен ќе излезат 11 подготвени фудбалери, спремни за борба и игра и за она што сите го посакуваме. Не се сомневам во моите фудбалери. Не ме интересира во моментов табелата, размислувам само како да ја добиеме Словенија. Размислувам од меч во меч, прво Словенија, а потоа Полска“ – истакнува селекторот Игор Ангеловски.

Капитенот Горан Пандев, без желба за потценување на противникот, нагласува дека силната верба во самите нас и нашите квалитети може и мора да донесе позитивен резултат пред финишот на квалификацискиот циклус.

„Расположението и атмосферата кај нас е на највисоко ниво. Со нетрпение го очекуваме овој натпревар и знаеме што носи победа на овој меч. Мора да одиграме на ниво. Ако Словенија се надева дека може да биде втора, можеме и ние. Не гледам каде Словенија е подобра од нас на теренот. Знаеме со каков квалитет располагаме, иако ни фалат двајца играчи. Ветувам дека ќе изгинеме на терен. Очекувам голема поддршка, се надевам дека ќе дојдат луѓето што не сакаат. Не бараме којзнае колаква бројка, само да добиеме вистинска поддршка од луѓе што ја сакаат репрезентацијата на Македонија“ – вели Горан Пандев.

Средбата на националната арена „Тодор Проески“ меѓу селекциите на Македонија и Словенија стартува од 20:45 часот.

Се вчитува...