„Да се биде или не“ на самиот старт – победата е императив против Естонија

Почеток на нов квалификациски циклус вообичаено значи и согледување на можностите за периодот што следи. Кога станува збор за Македонија, првиот меч ќе значи и дуел „да се биде или не“ за нашите кошаркари, кои не смеат да си дозволат пораз на домашен терен од Естонија доколку сакаат да си ги зголемат шансите за пласман на Евробаскет 2021.

Естонците се ривал од кого бевме елиминирани во првата фаза од квалификациите за СП 2019, мотив повеќе за македонските кошаркари да му се одмаздат на овој противник. Во однос на тој двомеч, и Македонија и Естонија ќе влезат во денешниот натпревар со видно изменети состави, но и со нови селектори.

Александар Тодоров направи сериозен „рез“ во националниот тим, повика во тимот неколку млади кошаркари, но и нему му е јасно дека победата на премиерниот меч е императив. Според Тодоров, главната опасност ќе доаѓа од крилните центри на противникот, Вене и Китсинг.

Нивните двајца најдобри играчи играат на позиција четири, двајцата се по 30 години и се најискусни и се најдобри шутери од далечина. За да можат да ги искористат двајцата, верувам дека во одделен дел од мечот ќе играат и двајцата заедно, ние добро се подготувавме токму за тој дел од натпреварот“, изјави македонскиот селектор.

Клучно ќе биде да се најде одговор за брзата игра на противникот, кој вообичаено инсистира на што поголем број на шутеви од далечина.

„Противникот е незгоден и знаеме дека нема да ни биде нималку лесно. Најважно од се е да се враќаме навреме во одбрана и да ги лимитираме нивните брзи напади. Го работевме тоа на тренинзите, верувам дека успешно ќе ја завршиме работата и ќе стигнеме до посакуваната победа“, истакнува Марко Симоновски.

Натпреварот меѓу Македонија и Естонија ќе се игра вечерва во 20.15 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...