Да се биде или не за Шкупи и Работнички – против Вардар и против Шкендија!

Шкупи и Работнички се пред и тоа како значајни натпревари во битката за европски излез во 32. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Чаирчани на домашен терен го пречекуваат Вардар, кој веќе ја има обезбедено Европа, носени од желбата за три бода, додека Работнички ќе мора до триумф против тетовци кои, пак, може и да ја слават новата титула во Скопје.

Капитенот на Шкупи, Муарем Бајрами, е оптимист дека, во секој случај, неговиот тим ќе успее да слави против „вардарци“…

„Овој натпревар е многу важен за нас, но не и за противникот бидејќи знаеме дека Вардар веќе го осигура второто место на табелата и ќе игра во Лигата на Европа. Ние имаме пред себе зацртани цели, има пет кола до крајот на првенството, ќе сториме се за да останеме на четвртото место на табелата, со надеж дека Академија Пандев ќе го освои Купот на Македонија. Дуелот со Вардар е големо градско дерби, мотив сам по себе за сите фудбалери, но и знаеме колку е важен за нашите навивачи „Шверцери“. Ќе сториме се за да стигнеме до победата и да останеме во игра за Лигата на Европа“ – вели Бајрами.

Во таборот на Работнички, пак, по трите последовни порази, сега се надеваат дека тимот ќе одигра на потребното ниво во желбата за триумф.

„Не сме во позиција премногу да зборуваме, треба многу повеќе да покажеме на теренот. Верувам дека е време Работнички да одигра на високо ниво. Шкендија е фаворит, но ние ќе сториме се за да ја прекинеме негативната серија“ – вели фудбалерот за врска на „романтичарите“, Милован Петровиќ.

Доколку, пак, Шкендија дојде до триумф против Работнички, а Вардар не успее да слави во Чаир тогаш тетовци уште денеска, на четири кола до крајот на првенството, ќе ја прослават официјално новата шампионска титула.

ПМФЛ – 32. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА

Кратово: СИЛЕКС – АК. ПАНДЕВ

Струмица: БЕЛАСИЦА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Скопје: ШКУПИ – ВАРДАР

Тетово: РЕНОВА – ПОБЕДА

Се вчитува...