Да се изненади Данска: Македонија со нов лик предводена од Лазаров кон нови предизвици

Македонската ракометна репрезентација денеска од 20 часот во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ги продолжува квалификациските натпревари за пласман на ЕП 2022. Сега со нов стручен штаб предводен од легендата на македонскиот ракомет, Кирил Лазаров, со некои добро познати стари лица вратени во стручниот штаб и на терен, и нови предизвици за повторно воздигнување на македонскиот ракомет.

Дебито на Лазаров на селекторската клупа ќе биде против светскиот шампион Данска. Поголем предизвик не ни можеше да ‘посака’, како што вели, што е еден вид чест за нов репрезентативен почеток.

„Имавме доволно време за подготовка. Максимално го искористивме времето, имавме добри услови и можам да кажам дека подготвени го чекаме мечот со Данска. Мене како селектор и на моите ракометари треба да ни биде чест што стартуваме ново поглавје токму против најдобрата селекција на денешницата. Комплетната слика за можностите на оваа репрезентација ќе ја имам по двата меча со Данска“ – истакна Лазаров пред вечерашниот дуел.

Повратникот во националниот тим, Дејан Манасков, вели дека на секој меч треба да се даде максимум и без разлика на противникот да се размислува за позитивен резултат.

„На секој меч треба да се надеваме на победа. Никогаш не треба да се предадеме предвреме. Знаеме против кого играме и нема што многу да се зборува за Данска. На сите им е јасно кои се и што се. Мораме да одиграме максимално мотивирано, а ако ни се укаже минимална шанса да ја искористиме. Секако дека тие се фаворити и ќе биде многу тешко. Најважно во моментов е да ја поправиме сликата од Светското првенство“ – вели Манасков.

Квалификации за ЕП 2022 – Група 7, 3. коло

Финска – Швајцарија (17 ч.)
Македонија – Данска (20 ч.)

ТАБЕЛА: Данска 4 бодови, Македонија 4, Швајцарија и Финска без бодови

Се вчитува...