Дали Брегзит ќе ја уништи Премиер-лигата?

Од работни дозволи до висина на трансфери, нема дилеми дека напуштањето на Велика Британија на Европската унија ќе има влијание на најсилната англиска фудбалска конкуренција длaбоко до нејзиниот корен. Премиер-лигата не може да биде издвоена во меур од остатокот од општеството и затоа нема да биде поштедена од последиците на Брегзит.
Челниците на Лигата, но и сопствениците на клубовите константно предупредуваат за штетите што Брегзит ќе ги направи на фудбалот во земјата. Дополнително, преговорите меѓу владата на Велика Британија и Европската унија се во блокада што уште повеќе ја зголемува неизвесноста. Никој впрочем не бара потенцијално решениe за проблемот бидејќи никој и не знае кога и како ќе се случи напуштањето на Унијата кое е предвидено за март 2019 година.
Неизвесноста која ги јаде сите индустрии во државата ја подрива и Премиер-лигата и сите всушност се во очекување, политичарите да најдат најдобро решение за бизнисот. Работните дозволи се првото и најголемо прашање што ќе биде отворено по реализацијата на Брегзит.
Според моменталната регулатива, играчите кои доаѓаат од Европската унија и од Европската економска заедница го користат правото на слободен проток при трансферите во Англија. Фудбалерите пак од останатите држави мора да добијат работни дозволи. За нив критериумите се исклучително строги. Па така ако се почитувала регулативата за работни дозволи, Нголо Канте и Риjад Марез никогаш немаше да дојдат во Лестер. И многу други играчи од држави како Германија, Шпанија, Франција не би можеле да дојдат во Aнглија затоа што не би ги исполнувале критeриумите за добивање работна дозвола. Според една анализа направена во 2016 година дури 332 фудбалери кои настапувале во англиската и во шкотската Премиер-лига не ги задоволувале високите критериуми за работна виза.
Дополнително, напуштањето на ЕУ ќе го закомпликува и потпишувањето договори со играчи на возраст под 18 години. Се разбира, овие проблеми ќе се однесуваат и на тренерите. Во моментов од 20 премиерлигашки клубови, 14 имаат менаџери кои не се Британци. Фудбалската индустрија како впрочем и сите гранки во Британија имаат долга традиција на вработување лица од земјите на ЕУ на сите нивоа.
И финансиските импликации ќе бидат големи. Уште сега премиерлигашите ги чувствуваат проблемите. Падот на вредноста на фунтата во однос на еврото што произлезе од гласањето „ЗА“ на референдумот значи дека клубовите од Англија треба да нудат повеќе пари. Ваков е примерот со Тотенхем чиј менаџер Маурисио Покетино објасуваше дека неговиот клуб не потпишал нови играчи токму поради оваа причина. Поради сето ова сосема е јасно зошто Премиер-лигата беше еден од најголемите поборнци против Брегзит. Речиси сите сопственици на клубови донираа средства во кампањата против напуштање на ЕУ.

 

Се вчитува...