Дали е ова прошталната порака на Кристијано: Благодарност до сите кои ме следеа во ова патување…

Кристијано Роналдо во последните месеци е поврзуван со заминување од Јувентус, а шпекулациите уште повеќе се зголемија откако тренерот Пирло реши да го остави на клупата за клучниот дуел со Болоња, на кој „старата дама“ убедливо славеше без помошта на Португалецот.

Тој веднаш замина за татковината, од каде испрати порака во која се пофали за сите свои рекорди и индивидуални признанија, но и благодарејќи за поддршката за време на авантурата во Јуве, нешто што медиумите во Италија го оценуваат како негова проштална порака пред заминувањето од „старата дама“.

„Ја освоив лигата, Суперкупот на Италија, Купот на Италија, наградата за најдобар стрелец. Покрај тоа, стигнав до 100 гола во Англија, Шпанија и во Италија. Секогаш е прекрасно чувството кога ќе се остави силна трага во земјата каде се игра, да се даде толкава радост на фановите на клубот за кој настапувам. Благодарност до сите кои ме следеа во ова патување“, објави Роналдо.

Тој се осврна и на загубената шампионска титула, со што беше прекината серијата од девет скудета на Јуве.

„Годинава не успеавме да триумфираме во Серија А, честитки до Интер за заслужениот трофеј. Сепак, ако разгледам што остваривме сезонава – Суперкупот на Италија, Купот на Италија и мојата награда за најдобар стрелец, јас сум исполнет со радост бидејќи ова е земја во која многу тешко се победува и се освојуваат трофеи“, порача Кристијано Роналдо.

 

Се вчитува...