Дали има и други нерегуларности со Окере Висдом!? За неправилно лекарско покривање, според правилникот, следи елиминација од Купот!

Случајот со неправилниот настап на фудбалерот на ГФК Тиквеш, Окере Ебубе Висдом на куп-натпреварот против Вардар, по поднесената жалба од ФК Вардар за нерегуларен медицински документ, и тоа како отвора тема околу стручната подготвеност на администрацијата на домашните клубови за соодветно професионално покривање на одредбите од Статутот односно правилниците за натпревари на ФФМ.

Посебно, ако се знае, дека токму во случајот со ГФК Тиквеш и не се првпат вакви и слични пропусти со нерегуларен настап на пооделни фудбалери на клубот.

Како што се наведува во жалбата на ФК Вардар, во досието на фудбалерот Окере Ебубе Висдом внесен во КОМЕТ системот на ФФМ, во делот што се однесува на лекарскиот преглед, како медицински документ е приложена спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на извршен лекарски преглед 2. јули 2026 година. Според наводите во жалбата, Милош Спасовски не е член на ГФК Тиквеш 1930 од 3. септември 2026 година.

Согласно тоа прекршен е член 99 од правилникот за натпреварите со настап на фудбалер без соодветен лекарски прегледе согласно Правилникот. А, во еден таков случај, според член 99, точка 4, клубот кој го сторил тој прекршок се елиминира од КУП натпреварувањето.

И од ГФК Тиквеш, преку соопштение, сега потврдуваат дека е направен пропуст од нивна страна во КОМЕТ системот но наведувајќи дека тоа е техничка грешка а не намерен обид за некаков фалсификат.

Сепак, како што дознаваме, дали само лекарското уверение е проблемот со настапот на Окере Ебубе Висдом за Тиквеш?

Според неофицијални информации, активирано е и прашање со каква документација за настап е покриена регистрацијата на Висдом за клубот!? Дали Висдом има соодветно регулиран престој? Дали е точно дека фудбалерот игра со Ц туристичка виза, ако се знае дека со таква дозвола за престој, не може професионално да игра фудбал во Македонија!? Ова се прашања за кои веројатно наредниот период ќе се даде одговор, и преку одлучувањето по жалбата на ФК Вардар за неговиот настап за кавадарчани.

Се вчитува...