Фудбалската федерација на Македонија, во интерес на отворено и транспарентно информирање на јавноста во врска со поднесената жалба на ФК Вардар за неправилен настап на фудбалер на ФК Тиквеш на натпреварот од осминафиналето на Купот на Македонија, се огласи со соопштение во кое ја информира јавноста и за следните факти:
ФФМ, во ниту едно досегашно известување до јавноста или до клубовите, не посочи дека ФК Тиквеш извршил фалсификат на медицински документ на фудбалерот Окере Ебубе Висдом. Информацијата се однесуваше на внесените податоци во системот Комет, каде што во делот за лекарски преглед бил евидентиран документ на име на Милош Спасовски, кој не е член на ФК Тиквеш од 3 септември 2026 година.
Согласно Пропозициите за натпреварување за Прва МФЛ, во член 20, точка 6 стои:
Потврдата за извршен лекарски преглед задолжително се внесува во Комет пред почеток на првенството и по истек на важноста.
Дополнително, денеска, во 14:26 часот, ФК Тиквеш извршил промена во системот Комет, при што во делот за лекарски документ е приложена спортско-медицинска потврда на име на Окере Ебубе Висдом, а исто така, Комет администраторот на ФК Тиквеш, лекарската потврда на име Милош Спасовски ја променил со статус – неактивен во 14:27 часот.
Притоа, ова не е првпат да се констатираат несоодветно внесени податоци во системот Комет од страна на ФК Тиквеш. Повторувањето на ваквите ситуации отвора сериозни прашања за точноста на податоците што клубот ги внесува во официјалниот систем и за одговорноста на лицата задолжени за нивното ажурирање и контрола.ФФМ потенцира дека за основаноста на жалбата ќе одлучува надлежната Натпреварувачка комисија, исклучиво врз основа на важечките правила и прописи.
ФФМ останува посветена на транспарентно информирање, почитување на пропишаните процедури и доследна примена на правилата, со еднаков пристап кон сите клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА


