По елиминацијата од Купот на Македонија со поразот од 1-3 од Тиквеш, фудбалскиот клуб Вардар одлучи правдата да ја бара на „зелената маса“ и официјално ја достави најавената жалба до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) поради повреда на регистрациските права.
Од ФФМ потврдија дека во жалбата на вардарци е наведено оти клубот од Кавадарци направил сериозен пропуст со лекарскиот преглед на нивниот фудбалер Виздом Окере. Според тврдењата на Вардар, за настапот на Окере било приложено медицинско уверение кое гласело на името на поранешниот играч на Тиквеш, Милош Спасовски.
„На 29. октомври 2026 година, во Архивата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) пристигна жалба од ФК Вардар за неправилен настап на фудбалер на ГФК Тиквеш 1930 на натпреварот од осминафиналето на Купот на Македонија, меѓу екипите на ФК Вардар и ГФК Тиквеш 1930, одигран на 28. октомври 2026 година.
Жалбата, која претходно уредно била најавена од ФК Вардар во записникот од натпреварот, се однесува на фудбалерот на ГФК Тиквеш 1930, Окере Ебубе Висдом, со број 23, кој бил дел од почетниот состав на гостинската екипа.
Во жалбата се наведува дека во досието на фудбалерот внесен во КОМЕТ системот на ФФМ, во делот што се однесува на лекарскиот преглед, како медицински документ е приложена спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на извршен лекарски преглед 2. јули 2026 година. Според наводите во жалбата, Милош Спасовски не е член на ГФК Тиквеш 1930 од 3. септември 2026 година.
ФК Вардар ја поднесува жалбата повикувајќи се на член 8 и член 30 став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/2027, во врска со член 63 став 6, член 68 и член 99 став 1 точка II и став 4 од Правилникот за натпреварување на ФФМ.
Со жалбата, ФК Вардар бара таа да биде усвоена, да се утврди неправилниот настап на наведениот фудбалер и ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци да биде елиминиран од понатамошното натпреварување во Купот на Македонија за сезоната 2026/2027“, стои во соопштението на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
