За само дваесет и четири часа, шпанскиот фудбалер Анхел Контенто доживеа емоционален контраст што тешко може да се опише со зборови. Напаѓачот на шестолигашот Спортинг Алказар помина од радоста на играњето во историски куп-натпревар против Малага, до ужасот на тешка железничка несреќа, при што доброволно се вклучи во спасувачката акција.
Трагедијата се случи во средата наутро во близина на селото Урда, во провинцијата Толедо, каде што се судрија два воза на компаниите „Ренфе“ и „Ирио“. Потврдена е смртта на најмалку 69 лица, а 64 се уште се водат како исчезнати.
Инцидентот ја втурна земјата во длабока жалост, само неколку часа откако во близина, на локалниот стадион, се славеше фудбалски натпревар. Веста за несреќата го затекна напаѓачот, родум од Урда, на неговото работно место, од каде што веднаш се упати кон местото на настанот за да им помогне на настраданите.
„Се чувствувам лошо и се уште сум во шок. Она што го доживеав беше исклучително тешко од психолошки аспект и ќе биде тешко да се заборави. Станав во 6.30 часот наутро за да одам на работа се занимавам со чување добиток. Кога слушнав за несреќата на радио, веднаш тргнав да помогнам“, почна Контенто.
Растојанието од осум километри помеѓу неговата фарма и местото на несреќата се поминува со автомобил за само десет минути, но глетката што му се откри пред очите ги надмина и најлошите очекувања. Заедно со други волонтери и спасувачи, Контенто се вклучи во пренесувањето на повредените до една сала.
„Кога пристигнав, приливот на луѓе не престануваше. Правевме точно она што ни беше кажано. Човек си замислува разни работи, но реалноста таму беше неопислива. Исцрпеноста е огромна, но она што најмногу ме скрши беше очајот на семејствата. Да гледаш како луѓето, во целосна неизвесност, со часови чекаат да го слушнат името на својот близок тоа може целосно да те уништи“, заврши Контенто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
