Дали ќе продолжи традицијата: Кој го победи Баерн, станува европски првак!

ПСЖ успеа да го елиминира Баерн Минхен во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, одмаздувајќи му се на германскиот првак за ланскиот пораз во големото финале од елитното европско натпреварување. Сега пред „светците“ е нов предизвик, да се обидат да ја продолжат традицијата во ЛШ која вели дека во осум од последните девет сезони до титулата стигнувал Баерн Минхен или тимот што го елиминирал баварскиот гигант од ова натпреварување.

Серијата почнува од сезоната 2011/2012, кога Челси стигна до првата и единствена европска круна во историјата на овој клуб, во финалето совладувајќи го токму Баерн. Една година подоцна баварскиот гигант се искачи на врвот на Европа, во финалето славејќи над Борусија Дортмунд со 2-1. Сезоната 2013/2014 во ЛШ заврши со триумф на Реал Мадрид, а „кралевите“ на патот до круната во полуфиналето го совладаа Баерн со вкупни 5-0, нанесувајќи му го на тимот предводен од Пеп Гвардиола најтешкиот пораз среде Минхен (0-4). Во 2015 година европски шампион стана Барселона, која во полуфиналето беше подобра од баварскиот гигант.

Исклучок од ова „непишано правило“ е сезоната 2015/2016, во која шампион стана Реал Мадрид, а Баерн во полуфиналето беше поразен од Атлетико Мадрид. Една година подоцна, повторно Реал Мадрид беше европски првак, а избраниците на Зидан го елиминираа Баерн во четвртфиналето. „Кралевите“ беа кобни за Баерн Минхен и во 2018 година, кога го елиминираа овој тим во полуфиналето од ЛШ.

Ливерпул се искачи на тронот во сезоната 2018/19, а „црвените“ на Јирген Клоп уште во осминафиналето го совладаа Баерн, и тоа со триумф на „Алијанц Арена“ во Минхен. Ланската сезона заврши со Ф8 турнир во Лисабон во кој на крајот се радуваа фудбалерите на баварскиот гигант, кои не успеаја да ја одбранат круната.

На ред е ПСЖ, да се обиде да ја продолжи оваа традиција…

Се вчитува...