Дали конечно е договорен боксерскиот мега спектакл Џошуа – Фјури?!

По неколкугодишни прозивки и обиди да се договори меч помеѓу поранешните шампиони во тешка категорија, Ентони Џошуа и Тајсон Фјури, се поизвесно е дека англиските боксери конечно ќе ги вкрстат ракавиците во рингот.

Според новинарот кој ги следи случувањата во боксот, Дан Рафаел, како можен датум за мега пресметката се споменува 11 декември и тоа во Кардиф на стадионот „Принсипалити“ чиј капацитет изнесува 80.000 седишта.

Рафаел тврди дека преговорите не се завршени бидејќи организаторите мораат да ги завршат сите обврски и да ги обезбедат потребните дозволи. Како можни термини фигурираат и 28 ноември и четврти декември.

„Според човек кој е директно вклучен во преговорите, доколку се биде договорено, Џошуа и Фјури ќе боксуваат на 11 декември во Кардиф. Потребно е уште малку време да решавање на бирократски работи и добивање на сите потребни дозволи“, објави Рафаел.

И двајцата англиски боксери се поранешни шампиони во тешка категорија, а по поразите од Александр Усик, Џошуа и Фјури преку медиумите и социјалните мрежи се обидуваа да договорат меѓусебен боксерски спектакл, кој се поизвесно е дека ќе се случи до крајот на годинава.

Се вчитува...