Фудбалерот кој играше и за Исланд и за нас: „Нормално, навивам за Македонија!“

Фудбалските кариери на одредени фудбалери понекогаш се чудни и непредвидливи, а пред вечерашната пресметка ви претставуваме една од нив. Не случајно пред овој меч се одлучивме да го истакнеме екс фудбалерот Марко Павлов. Тој е играч кој што е единствен кој играл и за едната и за другата селекција. Но, само во помладите категории.

Станува збор за Марко Павлов, фудбалер кој што ја заврши кариерата во 2016 година на 28 години. Играше на позицијата последен играч за врска.

Марко Павлов специјално за ЕКИПА даде изјава дека ќе навива за Македонијa, но не успеа да допатува во Скопје да го следи дуелот од оправдани причини.

„Нормално, навивам за Македонија. Сакам да оди во бараж за Светско првенство, а Исланд и онака нема шанси. Сакав да одат и двете репрезентации, но тоа не е можно“, ни изјави Павлов.

Тој не и дава многу шанси на селекцијата на Исланд во денешниот дуел.

„Исланд е во фаза на менување на генерација. Селекторот е под критики, а во федерацијата е општ хаос. Затоа не им давам многу шанси. Мислам дека тоа со Романија беше исклучителен момент, се надминаа себе си, а имаа и малку среќа. Тоа не верувам дека ќе се повтори, но Македонија не смее да се опушти. Сметам дека големи се шансите Македонија да дојде до триумф и до баражот за пласман на Светско првенство. Нормално дека сакам да оди Македонија на Мундијал, и секако ќе навивам за вас. Среќно вечерва!“, ни изјави Марко Павлов кој што до вчера работеше во Рејкјавик и се занимава со хотелиерство, а од денеска животниот пат го води во Копенхаген каде ќе продолжи со кариерата и животот.

„Сега сум далеку од фудбал. Се занимавам со хотелиерство. До вчера бев во Рејкјавик, денеска се селам во Копенхаген. Таму ќе работам во иднина, и се надевам дека Македонија ќе дојде во Данска да игра, и да одам да ја гледам“, вели Павлов.

Павлов играше во тимот на Пелистер во сезоната 2012/2013, но кратко, се задржа само шест месеци, по што замина од битолскиот тим. Павлов играше за Исланд за селекциите до 17 и до 19 години, кога се одлучи да го смени дресот за Македонија. Мирсад Јонуз, тогашниот селектор на младинскиот национален тим го убеди Павлов да го смени дресот, и да заигра за Македонија. Тогаш како играч на Б тимот на Бетис, Павлов играше на три меча за младата репрезентација на Македонија заедно со сегашните и поранешните репрезентативци Кристијан Наумовски, Агим Ибраими, Илија Несторовски, Даниел Георгиевски, Мирко Ивановски, Самир Фазли…

Павлов во Бетис беше до 2011 година, кога од таму замина во Бреидаблик во Исланд, а потоа за битолски Пелистер. Се врати во Исланд, и во последните години од кариерата играше за Викингур и Селфос.

Се вчитува...