Далиќ: Ракитиќ ќе ми помогне да го запреме Меси

Хрватска со тактички одличен натпревар ја совлада Нигерија, но селекторот Златко Далиќ нема многу време за славје бидејќи за неколку дена го очекува нов дуел, овојпат против силната Аргентина. „Гаучосите“ ќе мораат да одат на триумф по разочарувачкото реми со Исланд, но Далиќ е оптимист дека ќе успее да најде лек и за големиот фаворит. Јасно е, кога се игра против Аргентина најважно е да се запре Меси, а за остварување на таа цел Далиќ ќе побара помош од Иван Ракитиќ, кој игра заедно со фудбалскиот генијалец во Барселона.

„Секако, Ракитиќ во следните три дена ќе биде мој асистент. Сигурно ќе побараме совет како да го запреме Меси. Јас секогаш ги прашувам своите играчи такви работи, сакам отворена комуникација и го прифаќам секој совет. Се што Меси не сака да му се прави, Иван ќе ми открие, а јас потоа ќе ги искористам сите информации. Покрај Ракитиќ ќе побарам помош и од Модриќ и Ковачиќ, кои имаат многу натпревари против Меси, сигурно добиле некој добар совет од Зидан во изминатите години“ – изјави Далиќ.

Дали и колку овие совети ќе му помогнат на хрватскиот селектор, ќе видиме на натпреварот што на програмата е в четврток со почеток во 20 часот.

Се вчитува...