Далиќ: Сега сум херој, а сакаа да ме избркаат на десет дена пред СП

Хрватска и Македонија не се премногу далеку географски гледано, па логично е да нема премногу разлики и во менталитетот, особено кога станува збор за „нечисти игри“ и поткопување на нечиј авторитет. Најнов доказ за тоа е хрватскиот селектор Златко Далиќ, посочен како херој за историското сребро на СП 2018. Сега тој ја има поддршката на целата нација, сите сакаат тој да остане на клупата, но Далиќ како скромен и искрен човек реши да си ја отвори душата за сето она што му се случуваше во пресрет на Мундијалот.

Тој има договор со Хрватската Фудбалска Федерација на уште две години, но Далиќ сериозно размислува да си замине од функцијата поради недоразбирањата со луѓето од „куќата на фудбалот“ во својата земја.

„Сега е лесно, сите ми велат дека сум херој. Дури и оние кои на десет дена пред СП, по поразот во подготовките од Перу во САД ми праќаа пораки дека сум сменет. Сакам да кажам нешто – Давор Шукер секогаш се однесуваше одлично околу мене, ми велеше да се концентрирам само на фудбалот и на ништо друго… но луѓето околу него, тоа е друга приказна. Јас уште по тие средби во САД решив да си заминам по мундијалот, но сега кога го видов дочекот во Хрватска, колку сите ние му значиме на нашиот народ… сега сакам уште еднаш добро да размислам пред да ја донесам конечната одлука“ – истакнува хрватскиот селектор.

Сепак, јасно е дека Далиќ моментно е многу поблизу до заминување, отколку до останување, ако се земе во предвид чиј пример хрватскиот селектор го гледа како најпогоден.

„Го гледам Зинедин Зидан, освои се што можеше да се освои и си замина како господин, оставајќи си ја отворена вратата еден ден да се врати. Можеби е така најдобро, да си заминеш додека си на врвот. Јас имав добри резултати и во ОАЕ, но не кријам дека ми е желба да се докажам во европскиот клупски фудбал. Што ќе се случува, најискрено не знам, ми треба добро да размислам пред да го повлечам наредниот потег“ – вели Далиќ во интервјуто за хрватските медиуми.

Се вчитува...