Дамјан: Можеме до две победи на стартот, Хендрикс ни дава стабилност

Македонските репрезентативци ги финишираат подготовките во пресрет на почетокот од новиот претквалификациски циклус, во кој „црвено-жолтите“ ќе се борат за првото место во групата со селекциите на Косово и на Романија. Првиот предизвик следи веќе в четврток во Приштина против Косово, дуел на кој нашите кошаркари ќе сторат се за да не се повтори сценариото од 2 август 2017 година, кога со поразот во истата арена беше најавено фијаското во претквалификациите за СП 2019.

„Работевме квалитетно во овој период, атмосферата во репрезентацијата е одлична и искрено веруваме дека можеме да дојдеме до две победи на стартот од овие квалификации, како значаен чекор напред кон првото место. Желба на сите е кошарката да ја вратиме онаму каде што заслужува да биде, а тој пат продолжува со пресметката со Косово. Не играв на претходниот меч во Приштина, но свесен сум дека атмосферата ќе биде пеколна, сите се подготвуваме за такво нешто, за да не дозволиме притисокот од трибините да им даде крила на домаќините од првата минута како што тоа беше случај лани“ – изјавува Дамјан Стојановски, еден од клучните играчи во нашиот табор.

Голем „плус“ за македонскиот национален тим сигурно е враќањето на Ричард Хендрикс, кој ќе биде од огромна помош во битката под обрачите.

„Во изминатиот период за репрезентацијата настапуваа неколку странски кошаркари, но Хендрикс дефинитивно би ги издвоил како еден од оние што ни се од најголема помош. Не само што е многу квалитетен и искусен, тој внесува огромна стабилност во нашата игра, контролирајќи го рекетот. Вклучувањето на Ричард Хендрикс за овие важни натпревари е многу важно за репрезентацијата“ – вели Стојановски.

Според крилниот кошаркар, Косово ќе биде уште посилно во однос на претходниот настап.

„Играчки гледано нема да имаат премногу промени и повторно се ќе се врти околу Бериша, кој ни создаде многу проблеми и на ланскиот натпревар. Мислам дека Косово ќе биде посилно најмногу поради селекторската промена, Дамир Мулаомеровиќ е сериозен стратег кој ќе сака веднаш да остави печат врз играта на оваа репрезентација, што ќе ги направи ненепредвидливи и поопасни за нас. Во секој случај, ние се подготвуваме, веруваме во себе и ќе сториме се за овојпат да славиме во Приштина“ – истакнува Дамјан Стојановски.

Се вчитува...