Дамјан: Целта е јасна – враќање на МЗТ во елитата на АБА

Дамјан Стојановски и оваа сезона е предводник на тимот на МЗТ Скопје во АБА2-лигата, која овојпат ќе се игра во изменет систем, со три „балон-турнири“ од кои првиот и официјално стартуваше вчера на Златибор. МЗТ денеска во 17 часот го игра својот премиерен натпревар против Подгорица, дуел на кој „металците“ очекуваат победа во атак на добро познатата цел – влез во елитното друштво од АБА-лигата.

„Во претходните две сезони навистина немавме среќа, првата само еден шут не делеше од АБА1, во втората дојде до прекин иако имавме реални шанси за влез во елитата. Нема сомнеж дека целта е јасна – враќање на МЗТ во елитното друштво. Знаеме дека нема да биде лесно, но верувам дека можеме да стигнеме до она што толку многу го сакаме“, изјави Стојановски за ЕКИПА.

„Металците“ променија неколку странски кошаркари, беа донесени Мекиќ и Бакоч како потенцијални репрезентативци, па јасно е дека ќе биде неопходно време за воигрување.

За жал, летото мина во знакот на коронавирусот и се одрази и врз подготовките. Ние бевме влезени во добар ритам, кога поради присуство на вирусот во клубот сите моравме да заминеме во самоизолација. Тоа влијаеше врз формата на стартот од сезоната, но не се сомневам во нашите квалитетети, верувам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро и дека наскоро ќе влеземе во топ-форма“, истакнува капитенот на „метлците“.

Подгорица според реномето и рејтингот не е тим што би можел да го изненади МЗТ Скопје, но вчерашниот убедлив пораз на Работнички од Студентски Центар е доволно предупредување за „металците“.

„Немаме премногу информации за противникот, знаеме дека се млад тим што трча многу, што инсистира на брза кошарка. Едно е сигурно, не смееме да ги потцениме, мораме да играме максимално од почето до крај“, порачува Дамјан Стојановски.

Се вчитува...