Данчо Целески избран за најдобар странец во Унгарија на стартот од новиот милениум

Поранешниот македонски репрезентативен голман, Данчо Целески доби одлично признание со изборот за најдобар голман во унгарскиот фудбал во годините на крајот од претходниот и почетокот на актуелниов милениум.

Во изборот на „Немзетиспорт“, Целески е во најдобриот тим од странски фудбалери на Првата лига за сезоната 2000/2001, притоа прогласен и за МВП на сезоната со најголема оценка од сите 11 одбрани во идеалниот тим.

Данчо Целески, кој како голман на Охрид се избори за место во првата репрезентација на независна Македонија, во периодот од 1998 до 2001 година бранеше за унгарската Ниреѓихаза.

„Целески е еден од оние кои во тие години многу помогнаа да се подигне квалитетот на унгарската лига. Затоа е и избран за најдобар во таа сезона“ – пишува „Немзетиспорт“.

Целески во својата богата кариера настапуваше и за Македонија ЃП и турскиот Кајсериспорт. За репрезентацијата на Македонија има 22 настапи, оставајќи силна трага во градењето на репрезентативниот фудбал во првата наша репрезентативна генерација под водство на Андон Дончевски. Во периодот од 2003 до 2009 беше и тренер на голманите во македонската сениорска репрезентација.

Се вчитува...