Дани Алвеш предизвика „бура“: Жал ми е за Астори, ама секој ден умираат деца и никој не се потресува!

Големо внимание во италијанската јавност предизвика изјавата на Дани Алвеш пред денешниот натпревар од Лигата на шампионите меѓу ПСЖ и Реал Мадрид. Алвеш порача дека му е жал за смртта на капитенот на Фиорентина, Давиде Астори но според него не е во ред таа смрт да привлекува толку многу внимание, а кога постојано умираат деца низ светот никој никогаш не се потресува…

„Дали сме потресени? Не сме. Можеби затоа што и не сме биле блиски со Астори, не сме го познавале. Изразувам сочувство до семејството. Жал ми е, но сите ние овде сме со некаква цел во животот и кога ќе ја исполниме заминуваме. Можеби тој во овој хаотичен свет си ја заврши својата мисија и сега е на некое подобро место“ – порача Алвеш и дополни:

„Во светот дневно умираат илијадници деца, поради глад, болести и разни други проблеми. Но, тие не добиваат толку многу внимание, а подеднакво се важни. Како на никого да не му е грижа за нив. Она што сакам да го кажам. Ќе дојде и нашиот момент. Сите ќе умреме, порано или подоцна“.

Давиде Астори по смртта во хотелската соба во Удине, утре ќе биде кремиран во Фиренца.

Се вчитува...