Данска ќе ја брани олимписката круна во ракомет

Данска ќе се сретне со Франција во големото финале на ракометниот турнир на ОИ во Токио откако Данците во полуфиналната пресметка ја совладаа Шпанија со резултат 27-23. Олимписките прваци одиграа маестрално во одбраната, а во моментите кога нападот не функционираше селекторот Јакобсен имаше храброст да инсистира на „седум на шест“, тактика со која беше скршен шпанскиот отпор.

Данска беше подобар ривал во првото полувреме, Ландин беше одличен на голот, овозможувајќи им на актуелните олимписки шампиони да го диктираат темпото и да го контролираат резултатот. Микел Хансен вообичаено беше прва виолина на Данците во нападот, по што избраниците на Николај Јакобсен заминаа на одмор со удобна предност од 14-10. Шпанија од самиот почеток на второто полувреме го крена нивото на игра во одбрана, Данска повеќе од пет минути не успеа да постигне гол, а „црвената фурија“ ја преполови негативата. Проблемите во нападот беа и повеќе од очигледни, па селекторот Јакобсен во клучните моменти се реши за тактика „седум на шест“.

Перез де Варгaс бранеше одлично, но Шпанците поради проблемите со нападот не успеаја да се вратат целосно и да стигнат до израмнување. Кога беше најважно два прекрасни гола за Данска постигна Менсах Ларсен, што надополнето со неколкуте одлични одбрани на Ландин беше доволно за да се осигура финалето.

Микел Хансен одигра уште еден извонреден меч постигнувајќи 12 гола, пет реализираше Гидсел, додека најефикасни кај Шпанија беа Душебајев и Фигерас со по пе тпогодоци.

Се вчитува...