Данците гордо се присетуваат: Против Македонија ја имаме една од најлудите победи во историјата (видео)

ЕКИПА во Дебрецин,

Стеван Цаневски

Македонија и Данска често се среќаваа на големите натпреварувања во изминатите десетина години, но убедливо најдраматичен беше оној на ЕП 2012 во Белград, кога Данците во драматична завршница славеа со 33-32 со голот на Линдберг во последните секунди, откако Лазаров промаши шут за победа на спротивната страна.

Секој резултат освен триумф на Данска ќе значеше и губење на шансите за полуфинале, а скандинавците по овој триумф заиграа уште подобро од меч во меч и на крајот се искачија на врвот на европскиот ракомет.

Во најавата за денешниот натпревар, Данците гордо се присетуваат на тој незаборавен дуел од пред десет години.

„Во тренерската кариера имам бројни фантастични моменти, голот на Линдберг ми е во Топ 5, а завршницата против Македонија дефинитивно е најлудата. Македонците долго го имаа последниот напад, судиите им дозволија да ја чуват топката. Знаевме дека топката ќе заврши кај Лазаров и дека тој ќе шутира, не можеше да биде никако поинаку. Играчите беа паметни, не направија фаул, да влезат во шут на Лазаров бидејќи тоа ќе значеше и крај на сите надежи. Вака, оставивме шанса да се случи она што се случи“, изјави тогашниот дански селектор Вилбек.

Се вчитува...