Данците ја решија Норвешка, на ред е Шпанија

Данска е третиот полуфиналист на ракометниот турнир на ОИ откако бранителите на олимпиското злато славеа во скандинавското четвртфинале против Норвешка (31-25).

Почетокот донесе израмнет ракомет, но проблемите на Норвежаните се појавија откако по само петнаесетина минути игра нивниот најдобар ракометар Сандер Сагосен го заработи второто исклучување. На одмор се замина со минимално водство на Данците од 13-12, по што на самиот почеток од второто полувреме следеше фурија на олимписките шампиони, кои набрзина поведоа со „плус пет“. Норвежаните се обидоа да се вратат, но немаа одговор за извонредниот Ландин, па Данска заслужено се пласираше меѓу четирите најдобри селекции на овие Олимписки Игри.

Микел Хансен и Холм со по осум гола беа најефикасни во данскиот состав, додека прв стрелец на Норвешка беше Сагосен, исто така со осум погодоци.

Ривал на актуелните олимписки прваци во полуфиналето ќе биде европскиот шампион Шпанија, а во второто полуфинале Франција ќе се сретне со подобриот од мечот Германија – Египет.

Се вчитува...