Дарио Ивановски собори државен рекорд на 3.000 метри стар 25 години!

Најдобриот македонски атлетичар на долги патеки, Дарио Ивановски запиша нов државен рекорд на 3.000 метри на митингот „Голема награда на Војводина“ кој викендов се одржа во Нови Сад.

Ивановски славеше убедлива победа на трката на 3.000 метри во Нови Сад, соборувајќи го притоа 25 години стариот државен рекорд на Јонуз Јонузи кој датира од 1992 година. Патеката ја истрча со време од 8:17.92 минути.

„Бев речиси сигурен дека ќе го соборам мојот личен рекорд на ова растојание, но не и деќа ќе поставам нов државен рекорд. Бев навистина изненаден. Но, се наоѓам во извонредна форма и верувам дека ќе продолжам во ист стил и на наредните натпреварувања“ – ни изјави Ивановски по трката во Војводина.

jakimovski i ivanovski

Задоволството не го крие и неговиот тренер Игор Јакимовски.

„Работевме цели два месеци за овој натпревар. Пеколните тренинзи и перформансите кои претходни ги демонстрираше гарантираа добар резултат. Го погодивме вистинскиот тајминг, па тоа даде резултат. Штета што Дарио немаше вистинска конкуренција на трката, можеби ќе беше и подобар за три до четири секунди. Сепак и ова е неверојатно постигнување“ – вели Јакимовски.

Ова е веќе трет рекорд на Дарио Ивановски откако претходно ги сруши оние на 1.000 метри, како и на 3.000 метри во сала.

Се вчитува...