ДАРКО ПАНЧЕВ: Ако Македонија беше во било која друга група од квалификациите убеден сум дека ќе се боревме за ЕП 2024, Милевски треба да остане селектор!

Најголемото име во македонската фудбалска историја, Дарко Панчев, низ квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024 изминатите месеци за ЕКИПА ги анализираше во континуитет игрите на националниот тим во групата со европските фудбалски гиганти Англија, Италија и Украина. На крај, Македонија заврши како четвртопласирана во групата, со освоени една третина бодови од можните 24, и две ремија со актуелниот европски шампион Италија и вицешампионот Англија кои, без сомнение, ќе останат запаметени.

Легендарната „Кобра“ сега со финален осврт на крајот од квалификацискиот циклус изнесувајќи ги своите генерални впечатоци од квалификациите за ЕВРО 2024, потенцира дека македонската репрезентација заврши со објективно реален резултатски исход во една ваква група, иако, според игрите, заслужи најмалку барем уште четири бода од двете пресметки против Украинците.

Последниот натпревар против една од најмоќните во моментов светски селекции Англија, и ремито во Скопје, дефинитивно е повеќе од позитивен момент од овие квалификации.

„Натпреварот со Англија е секако за паметење од неколку аспекти, резултатот уште повеќе фантастичен. Спектакуларни слики на стадионот, исполнети трибини. Атмосфера и навивање како што доликува кога се дочекува на мегдан некогашниот светски првак и водечка репрезентација во групата 4 од квалификациите за ЕП 2024 во Германија. Честитки за љубителите на фудбалот. Два часа Скопје беше вистинска фудбалска метропола. Младите македонски рисови против Гордиот Албион, селекција чијашто вредност е проценета на повеќе од една милијарда евра, сакаа да докажат дека непријатните 7-0 се минато. Во моменти на донекаде разнишана атмосфера во екипата по домашните неправедни 2-3 со Украина, резултатот во Англија во јуни беше навистина нереален“ – вели Панчев во освртот за последниот наш квалификациски натпревар, веднаш дополнувајќи:

„А, кога би се анализирал подетално последниот меч, почеток не толку сигурен, но како што минуваше време играта се стабилизира. Нашите неискусни млади играчи се подобро се носеа со реномираните светски познати англиски фудбалери, па по неколку успешни акции, сосема заслужено доаѓа наградата за нас со повеќе од оправдан пенал и успешна реализација на Барди иако во првиот момент противничкиот голман успеа да одбрани. До несреќно примениот гол, повеќе автогол, играме се подобро и посигурно. Во секој случај, убаво изгледа кога така мирно, сигурно парирате на можеби во моментов најдобрата европска репрезентација. На крајот праведен резултат, значаен за нас, а разочарувачки за силниот и фаворизиран противник. Радост за навивачите, заслужени аплаузи и слатка одмазда на рисовите“.

А, како генерално може да се оцени овој квалификациски циклус…?

„Јас не сум во позиција да дадам таква оценка, има надлежни кои ќе ја дадат конечната оценка дали минавме добар или не квалификациски циклус во дури и нереално тешка група. Но, можам да го кажам чисто моето гледање. Како и многу пати досега, мислам дека бевме исилено големи оптимисти, без покритие. Нашата група беше најсилна во овие квалификации со две од топ петте репрезентации на светот, европски и светски шампиони. Очекувањата на јавноста беа повеќе желби, а не реално согледана состојба. Уверен сум дека да бевме во било која од другите групи ќе можевме рамноправно да се носиме со противниците, и да се надеваме на уште едно учество на ЕП, по она историско од 2020 година. Кратко кажано, нашиот пласман во една ваква група во овие квалификации, кога ќе одиграте и две ремија со актуелните европски шампион и европски вицешампион во еден ист циклус, е навистина реален и објективен“.

МИЛЕВСКИ ТРЕБА ДА ОСТАНЕ ЗАТОА ШТО Е И ДОСЛЕДЕН ВО ОПРЕДЕЛБАТА ПОСТОЈАНО ДА ГО ПОДМЛАДУВА ТИМОТ СО ШАНСА ЗА НОВИ ИМИЊА ДУРИ И ВО ДУЕЛИТЕ ПРОТИВ ЕВРОПСКИТЕ ГИГАНТИ

Сега не чекаат ждрепките за новата Лига на нации, но и следните квалификации за пласман на Светското првенство 2026.

„Тоа ќе биде наша добра шанса, со добра ждрепка да избориме пласман на светско првенство. Доколку се направи добра програма и подготвено ги дочекаме тие квалификации, а ако погледнеме дека последниве три месеци се изгради еден нов костур на репрезентација која ветува, јас сум навистина оптимист“.

По крајот на циклусот, очекувано, најактуелна е темата дали треба да се продолжи договорот со селекторот Благоја Милевски…

„Јас досега низ неколку наврати укажав дека на крајот од овие квалификации е вистинскиот момент да се направи анализа и да се донесе најдоброто решение за нашиот репрезентативен фудбал. Секако дека треба да се земат во предвид резултатите кои беа постигнати под водство на Милевски во целиот овој двегодишен период во кој се избори бараж за СП 2022, и победата во полуфиналето во баражот, а тоа за мене е фантастичен успех, кој што ни овозможи да бидеме на само 90 минути од учество на минатото светско првентство. Ако кон тоа се додадат двата историски резултати со гиганите Италија и Англија, и двата одлично одиграни натпревари против Украина, пред се оние феноменални 60 минути во Скопје, за мене оценката треба да биде позитивна и да се продолжи соработката. Уште повеќе што Милевски континуирано покажува доследност во својата определба, постојано да го подмладува тимот, да им дава шанса на младите и талентирани играчи дури и на најзначајните натпревари. Впрочем оваа репрезентација е составена од играчи кои што тој ги селектираше, водеше и одведе до првото учество на едно ЕП за млади во историјата на нашиот фудбал, а во овој циклус селектираше плус некои нови имиња кои беа анонимни за јавноста а навистина се издвоија и го покажаа својот квалитет. Тоа доволно зборува и за неговото чувство да го процени, селектира и вклопи во тимот и квалитетот кој е малку познат за пошироката спортска јавност. Ја прочитав и изјавата на капитенот Енис Барди, каква е нивната почит и мислење за селекторот, таа многу кажува и оние што ќе ја носат одлуката треба да ја земат во предвид“ – вели Дарко Панчев.

Се вчитува...