Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, за читателите на ЕКИПА.МК, наредниот период ќе ги коментира комплетните настани на најголемиот светски спортски собир – фудбалскиот Мундијал 2026!
Предиграта на Светското првенство 2026 некако не беше баш најпосакувано чисто спортска, но оптоварена и со актуелната политичка ситуација во светот, ако се анализираат сите информации кои ни доаѓаа од САД. Дел од репрезентациите се жалеа на третманот кој го добија во земјата домаќин, условите за тренинг кои се далеку од највисоко ниво но и забраната за влез во земјата на одредени официјални лица. Што, секако, не е во прилог на спортот и фудбалот како обединувач на светските нации. Па, останува сега играта на теренот да го засени сето тоа досега…
НЕ ОЧЕКУВАМ ПОГОЛЕМИ ИЗНЕНАДУВАЊА
Ако, онака веднаш, издвоиме што можеме да очекуваме од овој Мундијал, тогаш сигурно фаворити за титулата повторно треба да бидат оние репрезентации кои и секогаш се борат за пиедесталот. Тоа се Бразил и Аргентина од јужноамериканскиот континент, како најсериозни противкандидати на европските селекции – Франција, Шпанија, Германија, Англија и евентуално Португалија и Холандија. Тоа ќе бидат селекциите кои би се пласирале во завршницата на првенството, затоа што не гледам некои тимови од Африка и Азија кои би можеле да бидат некакво изненадување. Секако, тука ниту најмалку не сакаме да го одземеме правото на некоја неспомната репрезентација да направи изненадување, што го има секогаш на големите натпреварувања, и да дојде до самата завршница.
СЕ ГУБИ КВАЛИТАТИВНИОТ ДУХ СО ВАКА ГОЛЕМ БРОЈ УЧЕСНИЦИ
Интересно е да се нагласи актуелниот, за првпат, формат од 48 репрезентации учеснички на ова светско првенство. Сето тоа, ми се чини, дека е премногу „комерцијално набилдано“, со многу учесници, со многу натпревари. Но, тоа е очигледно политиката на ФИФА, во некоја рака и заради популаризација во условно кажано ‘позатворените’ светски региони. Иако, да бидеме реални, фудбалот и да се игра со помал број учеснички на СП, како досега, повторно ќе биде најпопуларната светска игра. И не му треба ваква масовност за популаризација. Но, парите очигледно се попотребни!
Според новиот формат, во елиминациската фаза на шампионатот ќе одат најдобрите две селекции од секоја група, што значи 24, и плус осумте најдобри третпласирани тимови од 12-те групи. Што значи дури и осум третопласирани, и на некој начин ќе бидат елиминирани само последното пласираните во 12-те групи. Што некако се повеќе наликува на останатите спортови, ракометот, кошарката…
СИМПАТИИТЕ КОН БАЛКАНСКИТЕ СЕЛЕКЦИИ
Од балканските селекции на СП 2026 се само Хрватска и БиХ, навистина штета што нема повеќе репрезентации од овие простори кои се, несомнено, расадник на фудбалски таленти. Но, тоа е тоа. Хрватска мислам дека повторно може да направи добар резултати, како и на претходните неколку светски шампионати затоа што располагаат со добра селекција.

БиХ, пак, е комбинација на искуство и младост, со некои навистина млади квалитетни играчи но и они во залезот на кариерите. И се виде синоќа дека таа комбинација може успешно да функционира. Секако ги уживаат нашите симпатии и уште на првиот натпревар против Канада покажаа дека имаат квалитет и заслужуваат да ја минат првата групна фаза.
Како и да е, секогаш при вакви најави потенцирам да оставиме да поминат првите натпревари на сите репрезентации-учеснички за да може попрецизно да се анализира, кои селекции се во најдобра форма, кои играчи се заморни по напорната сезона, кои може да бидат некакво изненадување. Затоа што има тука и многу фактори кои влијаат на настапите на пооделните тимови, меѓу другото и климата, но и надморската висина на кои се играат некои натпревари во Мексико, и начинот на кој селекциите се адаптирале на условите. Сето тоа има влијание, на крајот, на игрите на теренот!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
