Дарко Соколов, џек-пот на Работнички?

Најдобриот кошаркар на Еуро Никел минатата сезона, ветеранот Дарко Соколов, е главна желба на Работнички за лидер на подмладениот состав на „центарци“ за наредната натреварувачка сезона.

Работнички ќе биде со значително намален буџет и целосно променет стручен штаб на чело со Тони Симиќ, а „црвено-белите“ се надеваат дека ќе успеат да го убедат Соколов од неколкуте понуди на маса да ја избере токму онаа од „Градски Парк“. Очекувано, раководството на Еуро Никел сака да го задржи искусниот бек во своите редови, но опцијата за враќање назад во Скопје може да биде пресудна за овој кошаркар наскоро повторно да го облече дресот на Работнички.

Соколов последен пат настапуваше за Работнички во 2015 година, по што ги бранеше боите на Карпош Соколи, МЗТ Скопје и на Фени индустри (од лани под називот Еуро Никел).

Редовите на „центарци“ летово ги напуштија Младеновиќ (Пелистер), Ефремовски (Гостивар) и Кире Николовски (Кожув), а се уште е неизвесна иднината на центарот Младеновски, кој има и понуди за продолжување на кариерата во странство.

Се вчитува...