Поранешниот српски репрезентативец и поранешен голман на Металург, Дарко Станиќ, повторно ја бранува јавноста во Србија. Станиќ кој своевремено беше суспендиран поради употреба на дрога, сега е обвинет за сексуално вознемирување на негова колешка во српското Министерство за млади и спорт, каде што голманот сега работи како државен секретар.
Некогашниот голман, со документи ја удрил колешката по задникот и тоа за време на презентација на анализа за родови стереотипи и родово насилство што се одржувала во Нови Сад. А потоа ги навредил жените со изјавата „кола жена добро вози“. Со овој непримерен чин, Станиќ предизвикал голем скандал и обвинување од организаторите на настанот.
„Не сакам да правам шпанска серија од нешто што некој потоа ќе го толкува на свој начин. Но, како спортист, во морална и етичка смисла и со домашно воспитување, приморан сум да кажам неколку зборови. Најмал проблем ќе биде веднаш да си заминам од оваа позиција, ако јавноста пресуди дека некого сум навредил. Тие работи околу задникот и тоа…па ве молам, тие мојата пријателка ја бранат од мене?! Личноста која работи со мене ја бранат од нејзиниот пријател! Размислував кој пршлен и го допрев со хартијата…Дајте да ја видиме снимката , можеби во мојот мозок се случи некој прекин, да видиме што направив толку страшно. Жал ми е што таа девојка се вовлекува во оваа приказна. Исклучително ја почитувам еднаквоста на сите луѓе, без разлика дали е тоа однос на маж кон маж, жена кон жена, дали се работи за боја на кожата или за мислење. Самото нашето постоење значи и апсолуна слобода на изборот“ – „филозофски“ објасни Дарко Станиќ.
Во српските медиуми се огласи и девојката која негира дека се случило нешто.
„Многу грд начин да се дискредитира некоја личност. Тоа удирање не се случи, измислено е. Не е убаво што личности кои се борат за женските права се однесуваат на ваков начин. Ако не им се допаднало неговото излагање, требало тоа да го решат со него, а не да измислуваат нешто што не се случило. Зарем мислите дека би дозволила некој да ме понижува на таков начин“ – изјави девојката која е стажант во Министерството, инаку е студентка на Факултетот за спорт.
Станиќ настапуваше за Металург во периодот од 2011 до 2014, а во Скопје дојде по „одлежувањето“ на двегодишната суспензија поради позитивниот допинг тест на кокаин во периодот кога играше за швајцарскиот Грасхоперс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА