Дарко Велковски единствен „стрелец“ за Летонците по половина од квалификациите

Летонија е следниот предизвик за фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство. Утревечер во Рига стартува втората половина на циклусот, а „црвено-жолтите“ ќе играат против најслабата селекција во нашата група, но воедно и една од најслабите според досегашните резулати во цела Европа.

Летонците имаат пет порази во пет натпревари, немаат ниту еден освоен бод и имаат гол – разлика 1-19. Единствениот гол го постигнаа токму против Македонија, а всушност беше автогол на нашиот дефанзивец Дарко Велковски. Наспроти ова, дури 19 пати се тресеше мрежата на летонските голмани. Последниот пораз е исто така убедлив, загубија 0-6 на гостувањето во Австрија.

Летонците се меѓу најслабите селекции досега во сите квалификациски групи. Има само четири репрезентации кои имаат послаба гол-разлика од Летонија и се уште немаат освоено ниту еден бод. Тоа се Гибралтар, Сан Марино, Андора и Лихтенштајн.

Се вчитува...