Дарко Велковски беше еден од најзаслужните што репрезентацијата го направи најголемиот успех во квалификации за СП, изборувајќи место во баражот. Сега два меча ја делат Македонија до Мундијалот во Катар, а Велковски вели дека клучен бил „киксот“ на Романија против Исланд.
„Остваривме одличен успех изборувајќи второ место во групата и дополнителни квалификации. На крајот клучен се покажа дуелот Романија – Исланд во кој Романците пропуштија важни бодови. После славјето против Ерменија, нам во вториот натпревар против Исланд ни беше потребна. Не беше лесно. Имаше многу луѓе на стадионот, одлична атмосфера, верувавме дека ќе победиме, но не беше лесно. Поведовме, а потоа Исланд израмни и имаше уште неколку шанси. Потоа повторно поведовме, и на крај кога Исланд доби црвен картон јасно беше дека ќе славиме. Ова е голем успех за нас“, вели Велковски.
Велковски истакна дека поминат е полесниот дел во квалификациите. Сега следуваат баражите во март, а Македонија веќе ги дозна сите можни ривали.
„Можам да кажам дека го поминавме полесниот дел ако ги гледаме квалификациите за Светско првенство. Следуваат баражи по нов систем, има многу добри репрезентации и реално сме аутсајдери на секој меч. Но, на нас е да дадеме максимум и да сториме се да ја искористиме шансата“, рече Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА