Даскаловски: Во овие моменти кошарката ни е на последно место во нашите мисли

Тренерот на Карлош соколи, Борче Даскаловски по вечерашниот огромен пораз од екипата на Нижни Новгород не сакаше да ги коментира причините за лошата игра од професионална гледна точка, бидејќи во редовите на Карпош во овие моменти најмалку се размислува за кошарка. Проблемите во клубот едноставно се преголеми и премногу влијаат на играчите, и токму поради тоа македонскиот вицешампион не игра на највисоко ниво.

„Вечерва тотално потфрливме во сите сегменти, но мислам дека моментално во нашите редови нема концентрација за играње кошарка. Играчите буквално се фокусирани на добро познатите проблеми во нашиот клуб. Кога ќе налетате на ваква супериорна екипа, колку и да се обидувате навремено да ги алармирате работите, кога концентрацијата не е на високо ниво, ништо не може да се превземе. Во последниве две – три недели многу малку се занимаваме со кошарка, за жал. Многу повеќе посветуваме внимание на некои егзистенционални проблеми кои ни тежнеат, и можам да кажам дека тоа е главната причина за овој пораз. Понатаму нема што да се зборува за натпреварот, се ми беше јасно кога го видов пристапот на играчите уште при загревање. Неспорно е дека Нижни е поквалитетен тим од нас, но ова што вечерва се виде не беше вистинскиот тим на Карпош соколи. Исти проблеми имавме и на мечот со Куманово, како и во Шолонк, оваа агонија мора еднаш да заврши, но во овие моменти кошарката ни е на последно место во нашите мисли. Никогаш не сум барал алиби, нема да барам ни сега, но сметам дека овој пораз и оваа огромна разлика не е вистинскиот приказ за нашите квалитети“, истакна Даскаловски.

Тренерот на Нижни Новгород, Зоран Лукиќ вели дека не му е важно со колкава разлика триумфираа на пресметката против Карпош, бидејќи смета дека резултатот не е реален. На српскиот стратег му беше важен настапот на неговите играчи, бидејќи со оваа средба тимот на Нижни се подготвува за дуелот од руското првенство против Локомотив Кубан.

„Сметам дека разликата не е реална, веројатно има доста причини зошто е тоа така, но не сакам да навлегувам во проблемите на нашиот вечерашен противник. Нас ни беше важно да одиграме добар натпревар, на високо ниво, бидејќи се вративме од Сибир со пораз кој несреќно го доживеавме. Со оваа средба ние веќе се подготвуваме тактички за нашиот следен противник, Локомотив Кубан. Поголемиот дел од моите играчи одиграа според договореното. За жал, имаше и такви кои правеа сериозни проблеми во нашиот систем, а токму тоа мене најмногу ме нервира, бидејќи такви проблеми ме загрижуваат за во иднина. Попов е стартер на скоро секој наш меч, но многу ме изнервира неговиот пристап. Не е важно дали водиме два, 20 или 50 разлика, важни се принципите на играње, бидејќи ако пристапи така и со Локомотив, ние веќе имаме 20 поени негатива. Наместо да го завршиме мечот со фини ноти, ни се случуваа такви глупости. На Карпош соколи им посакувам се најдобро во иднина, видов дека го совладаа шампионот МЗТ Скопје, па сметам дека имаат квалитети да станат шампиони во македонското првенство, но како ќе го остварат тоа покрај нивните проблеми, не знам“, вели Лукиќ.

Се вчитува...