Давид Бабунски пред трансфер во Полска

Поранешниот македонски репрезентативец Давид Бабунски е блиску до враќање во европскиот фудбал откако влезе во преговори со екипата на Пјаст. Станува збор за актуелениот шампион на Полска, кој е во потрага по квалитетен офанзивен фудбалер за врска што би бил ангажиран во овој преоден рок.

Полските медиуми јавуваат дека прва опција бил Патрик Липски од Лехија Гдањск, но откако не бил постигнат договор со овој фудбалер вниманието е насочено кон Бабунски. Македонскиот интернационалец ги мина сите младински категории во Барселона, што е особено привлечно за челниците на полскиот првак. Тој ќе стане слободен фудбалер бидејќи му истекува договорот со јапонскиот второлигаш Омија, па ќе може без никаква отштета да се пресели во Полска.

Давид Бабунски беше член на младинската репрезентација на Македонија што го обезбеди првото учество на едно европско првенство. Тој во 2016 година имаше кратка авантура во Црвена Звезда, по што се пресели на Далечниот Исток, најпрвин во тимот на Јокохама Маринерс, од каде замина за Омија.

Се вчитува...