Давид Дејвис си оди од Вардар, доаѓа Роберто Парондо?

Помошникот на Раул Гонзалес, Давид Дејвис, на крајот од сезоната си оди од Вардар. На негово место, според неофицијалните информации, доаѓа уште еден поранешен ракометар на Сиудад Реал, Роберто Гарсија Парондо кој се уште е активен играч и настапува за унгарскиот клуб  Будакалаш. Најавите се дека Парондо ќе му биде помошник на Раул Гонзалес и на клупата на македонската репрезентација.

Четвртфиналето со Фленсбург и евентуално, натпреварите од Ф4 турнирот во Келн доколку Вардар избори пласман во завршницата од Лигата на шампионите, ќе бидат последни за Дејвис на клупата на „црвено-црните“ во елитното европско натпреварување. Шпанец кој извесен период мина и на клупата на женскиот тим на Вардар прво како помошник, а потоа и како прв тренер, веќе им соопштил на играчите дека на крајот на сезоната си заминува од клубот.

Поранешниот шпански репрезентативец во Скопје дојде заедно со Раул Гонзалес во 2014 година и ова му беше прв тренерски ангажман по завршувањето на играчката кариера во тимот на Порто, една година пред тоа.

parondo davis

На клупата на Вардар, ќе го замени Парондо,  неговиот поранешен колега од репрезентацијата на Шпанија и соиграч од Сиудад Реал и од Атлетико Мадрид, во периодот кога таму настапуваше и македонскиот репрезентативец Кире Лазаров, а Гонзалес му беше помошник на клупата на Талант Душебаев. И за 37-годишниот Парондо, доколку се потврдат најавите, ова е биде прво тренерско искуство. Шпанскиот ракометар од 2013 до 2016 година го носеше дресот на Пик Сегед, а оваа сезона настапува во тимот на Будакалш.

Неофицијално, поранешниот шпански репрезентативец е изборот на Гозналес и за негов помошник на клупата на македонската репрезентација за претстојните натпревари од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска на кои Шпанецот ќе го одбележи своето селекторско деби. Во новиот стручен штаб кој се уште не е официјално потврден, кондициски тренер одново ќе биде Кристијан Кајчевски. Тој беше во стручниот штаб на македонската репрезентација на ЕП 2016 во Полска кога селектор беше Ивица Обрван, а беше и дел од тимот на Лино Червар што работеше во подготовките на ракометарите пред настапот на СП 2017, но потоа беше изоставен од стручниот штаб за настапот на мундијалот во Франција.

Се вчитува...