Давид Тошевски потпиша за Австрија Клагенфурт, па на позајмица во Шибеник (ФОТО)

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Давид Тошевски потпиша за австрискиот бундеслигаш Австрија Клагенфурт.

22-годишниот Тошевски потпиша договор со Австријците до јуни 2025 година, но оваа пролет до крајот на сезоната ќе ја мине на позајмица во редовите на хрватски Шибеник.

„Давид е многу талентиран напаѓач кој веруваме ќе стане во иднина постојан играч во Австрија. Позната е ситуацијата во Русија, па од септември нема никаков натпревар. Ја искористивме можноста да го добиеме оваа зима, но прво сакаме да му дадеме можност да ја пронајде својата вистинска форма како позајмен фудбалер во Шибеник“ – истакна по денешната промоција директорот на Австрија, Пер Јекел.

„Поминав убаво, но и предизвикувачко време во Русија во кое научив многу. Беше многу тешко неодамна и благодарен сум што одговорните во Австрија Клагенфурт ми ја дадоа својата доверба. Ќе ја искористам пролетта во Шибеник за да влезам во топ форма, а потоа со нетрпение го очекувам летото и мојот почеток во Австрија Клагенфурт“ – истакна Давид Тошевски.

Се вчитува...