Давитков: Дојдовме во Романија за да победиме

Кошаркарската репрезентација на Македонија го има последниот предизвик од претквалификациите. Иако допатуваа некомплетни, сепак, во Романија пристигнаа и селекторот Јорданчо Давитков, кој мораше ден порано да замине од Скопје во Кувајт поради клупски обврски, како и Ричард Хендрикс кој поради невреме во САД го пропушти летот предвиден за да стигне во Скопје. Романците убедливо ги совладавме на домашен терен, денеска од 17 часот во Плоешти треба уште еднаш да се потврди квалитетот.

„Јас реков и во Скопје – тука дојдовме за да победиме, не за да го браниме резултатот бидејќи резултат тешко се брани. Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да победиме. Доволно добро го знаеме составот на Романија и мислам дека нема многу простор за изненадување. Важно е играчите да се одморени и да бидат сконцентрирани, секој на својата улога вечерва. Тренинзите и тука и во Скопје повеќе беа тактички, а не кондициски. Се надевам дека ќе успееме сите да го надминеме уморот од патувањата и дека ќе успееме да дојдеме до победа. Стајиќ и Магдевски со помошта од Караџовски ќе ја преземат одговорноста на позицијата еден на која долги години беше Костоски. Тој одлучи дека не може повеќе да игра од свои лични причини кои јас ги почитувам бидејќи секогаш одговарал на мојот повик за настап за репрезентација“ – истакна селекторот Јорданчо Давитков.

Хендрикс вели дека одбраната ќе биде многу значаен сегмент за успех.

„Ќе биде интересен натпревар кој во исто време е исклучително важен за нас. Романците имаат талентирани играчи. Ние ја завршивме работата на наш терен, но ќе биде многу потешко тука на гости. Чекор по чекор, мислам дека ќе успееме да стигнеме до нашата цел. Мораме да играме избалансирано – и под кошевите и по надворешните линии, а и со добра одбрана тимот не може да погреши“ – вели Ричард Хендрикс.

Натпреварот, покрај задолжителниот livestream на YouTube каналот на ФИБА, ќе биде пренесуван во живо на првиот програмски сервис на МРТ.

Се вчитува...