Давитков ќе ја води Брегалница до назначувањето на Кузманов

Никола Кузманов наредниот период треба да го преземе кормилото на штипска Брегалница до крајот на сезоната, по разделбата на „сините“ со досегашниот тренер Здравко Цветаноски.

Но, се до официјалното назначување на Кузманов за нов шеф на стручниот штаб, и раскинувањето на договорот со Цветаноски кој се уште е под договор, тимот ќе го води Влатко Давитков, досегашниот асистент на Цветаноски. Давитков ќе го води тимот на саботниот натпревар против Шкендија во Штип, по што за време на паузата поради репрезентативните обврски се очекува Кузманов да ја стартува својата активност.

Никола Кузманов ќе биде четвртиот тренер на Брегалница сезонава по Игор Стојанов, Јуксел Јесилова и Здравко Цветаноски. Во стручниот штаб и натаму остануваат Давитков и Митрев, а ќе биде засилен и со Димитар Маџунаров.

Брегалница ја чека повеќе од тешка битка за опстанок во прволигашката конкуренција. На 14 кола до крајот на првенството е на последната позиција на табелата.

Се вчитува...