Давитков: Најлесно е да кажам дека си одам, но бараме решение за да продолжиме заедно

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Јорданчо Давитков, истакна дека се уште не си заминува од клупата на националниот тим, обидувајќи се да најде решение за клучниот проблем – обврски на клупски и репрезентативен план и времетраењето на подготовките за септемвриските претквалификации со Косово и со Романија.

„Најлесно е да кажам јас заминувам и ви благодарам за се, но сакав пред вас да ја изложам целата ситуација. Јас уште по завршувањето на првенството во Кувајт начелно имав договор со мојот клуб, договор во кој лично инсистирав да бидам слободен во ноември и во февруари, како што тогаш беа најавени. Јас и минатиот ноември поради обврски во репрезентацијата останав без клуб бидејќи челниците на тимот од Абу Даби не го почитуваа она што го имавме договорено. Сега договорот е невозможен, челниците на мојот клуб од Кувајт ми дозволија да бидам овде вкупно околу 20 дена, што според мое лично мислење ќе беше солидно. Во ситуација кога се бараат подготовки од околу 35 дена, јасно е дека не можам да бидам цело време овде, мојот клуб нема да дозволи такво нешто. Затоа дојде до оваа ситуација во која сме сега, цело време сум во контакт со федерацијата. Како што реков, најлесно е да си заминам, но јас верувам дека можеме да најдеме решение со кое сите ќе бидеме задоволни“ – истакна Давитков на денешната прес-конференција.

Тој потенцираше дека финансиите немаат никакво влијание во овие разговори, а ќе продолжи да се разговара во следните неколку дена.

„Не сакам да споменувам финансии, јас и кога дојдов реков дека можам да седам на плажа и да одмарам. Воопшто не станува збор за проблем околу финансиските обврски на федерацијата кон мене. Јас дојдов овде да помогнам да ја вратиме кошарката, за жал во првиот дел не бевме комплетни и тоа ни се одрази врз репрезентацијата. Благодарност до сите кошаркари кои настапуваа за Македонија додека јас бев селектор, во мое време беше чест да се игра за Македонија, сега тоа многу повеќе е обврска, но има и играчи кои секогаш со гордост играат за репрезентацијата и благодарен сум им за тоа. Јасно ни е на сите дека ова е сензитивен момент, ќе продолжиме да разговараме и во следните денови очекувам и конечна одлука на оваа тема“ – изјави македонскиот селектор.

Се вчитува...