Давитков: Од нас зависи, Романија ќе падне ако играме како што треба

Македонија одлично ги почна новите претквалификации со триумф во Приштина, а сега пред нашите кошаркари е нов предизвик, селекцијата на Романија што со почеток во 18.15 часот ќе ја пречекаме во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Целта е јасна, со втор триумф во низа да се направи значаен чекор кон осигурување на првото место во групата, кое значи и пласман во главните квалификации за Евробаскет 2021.

„Сметам дека против Косово одигравме квалитетно во одбраната и тоа ќе треба да го повториме и денеска против Романците. Двете селекции се различни по стилот на игра, Романците не се толку технички потковани, но затоа играат подобро од физички аспект, секогаш напаѓаат офанзивен скок и тоа е нешто на што ќе треба да внимаваме. Од нас ќе зависи, ако одиграме онака како што треба ќе забележиме победа и на овој натпревар, иако сме свесни дека нема да биде нималку лесно. Исто така, очекувам поддршка од публиката, да дојде во нешто поголем број и да ни помогне да стигнеме до триумф“ – истакнува селекторот Јорданчо Давитков.

Романците го освоија последното место во групата од квалификациите за СП 2019, по што Заре Марковски си замина од кормилото. Неговиот наследник Тудор Костеску направи значајни промени во тимот, откажувајќи се од дел од најискусните кошаркари, но Давитков очекува стилот на игра на Романија да остане ист.

„Новиот селектор имаше само еден меч, и тоа зад затворени врати. Како и да е, тој мина десетина дена со целиот тим, немаше премногу време за коренити промени, затоа и очекувам стилот на игра да биде речиси ист, Романците да користат од „сетот на акции“ што го имаа со Заре Марковски. Како што реков, ние треба да се фокусираме на нашата игра бидејќи ако сме на висина на задачата успехот нема да изостане“ – порачува македонскиот кормилар.

Се вчитува...