Давитков останува селектор на Македонија!

Јорданчо Давитков дефинитивно останува на чело на кошаркарската репрезентација на Македонија, откако МКФ ретерираше во својот став и реши да ја продолжи соработката, скратувајќи ги предвидените подготовки за кои претседателот Наумоски инсистираше да траат околу 40 дена. Откако стана јасно дека клубовите нема да ги ослободат играчите цел месец август и половина септември, период во кој би тренирале со репрезентациите, а би биле плаќани од екипите, дојде и до промена на тонот од македонската куќа на кошарката, па денеска беше обелоденето дека соработката со Давитков продолжува.

Во консултација со новиот правилник на ФИБА и новонастанатите ситуации со правилото на играчи кои играат во клубови и должноста на клубовите да ги ослободат за репрезентативни обврски 72 часа пред почетокот на септемврискиот прозорец од втората рунда на претквалификациите, раководството на МКФ заедно со актуелниот селектор Јорданчо Давитков дојде до одлука да се продолжи соработката за целиот циклус на подготовки. Првиот собир на сениорската репрезентација ќе се одржи на 31 август“ – објави МКФ на својата официјална веб-страница.

Во втората фаза од претквалификациите за Евробаскет 2021 сениорите ќе се надигруваат со Косово (13. септември) на гостински терен и со Романија (16. септември) на домашен терен во рамки на првиот претквалификациски прозорец.

Се вчитува...