Давитков: Оваа репрезентација може да победува и без странци

Селекторот на Македонија, Јорданчо Давитков, го означи стартот на подготовките за новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021. Противниците се добро познати, Косово и Романија, а само првопласираната селекција ќе се пласира во главната квалификациска фаза за европскиот шампионат.

„Имаме проблеми како и сите останати репрезентации со доцното приклучување на дел од играчите, но што е тука е, денеска почнуваме, се надевам дека ќе одработиме најдобро што можеме во овој период и дека ќе немаме нови проблеми со повреди. Последни ќе пристигнат Војдан Стојановски, Бојан Трајковски и Стојан Ѓуроски, се надевам дека околу 8 или 9 септември ќе бидеме комплетни и ќе можеме да се подготвиме на тактички план за предизвиците што се пред нас. Лично сметам дека дуелот со Косово е еден од клучните, знаете дека понатаму носи само првото место и затоа ќе мораме да сториме се за да славиме на овој натпревар“ – изјави селекторот Јорданчо Давитков.

Најголемите проблеми се оние со натурализираните кошаркари, Витингтон е повреден, додека Хендрикс поради семејни причини исто така најверојатно нема да може да се стави на располагање во септемврискиот двомеч.

„Јас неколку пати разговарав со Хендрикс, и пред и по операцијата на неговиот син. Да бидам искрен, шансите за негов настап се многу мали, но до последно нема да се откажеме бидејќи такви беа и пред десетина месеци, па во последен момент се изборивме тој да настапи за Македонија. Дури и доколку се случи да играме без странец мислам дека можеме да се носиме со овие противници. Македонија може да победува и без натурализираните играчи, го покажавме тоа на турнирот во Скопје лани против селекции како Холандија, БиХ и Португалија. Се е во нашите глави, во самодовербата со која треба да играме и да влеземе максимално фокусирани во средбите“ – порачува Давитков.

Се вчитува...