Давитков: Подобри сме од Косово и тоа ќе го докажеме

Селекторот на македонската репрезентација, Јорданчо Давитков, е оптимист дека по двете септемвриски победи „црвено-жолтите“ утре ќе забележат и трет триумф во овој претквалификациски циклус. Косово е противник што Македонија веќе го победи во Приштина, па за очекување е во ист стил да се одигра и утре во Гевгелија, за нова радост и значаен чекор напред кон главните квалификации.

„Пред нас е уште еден натпревар што за малку ќе беше решавачки, доколку Косово славеше во Романија, но и вака остануваме господари на својата судбина бидејќи се ќе зависи од нас. Реално гледано подобри сме од Косово и ќе го докажеме тоа, ако не се случи нешто тотално непредвидливо, пред наши гледачи во сала што очекувам да биде исполнета до последно место, верувам дека резултатот нема да изостане. Противникот е ослабен со неиграњето на американскиот кошаркар, но клучна останува нашата одбрана на Бериша, кого го контролиравме некои 25 минути во Приштина и тоа ни донесе резултат. Тој секогаш погодува тешки шутеви во одреден дел од натпреварот, но наше е да го чуваме што подобро и да не му дозволиме да влезе во ритам“ – истакнува селекторот Давитков пред денешниот тренинг во Гевгелија.

Натпреварот меѓу Македонија и Косово на програмата е утре со почеток во 17.45 часот.

Се вчитува...