Давитков во игра за наследник на Антиќ

Поранешниот македонски селектор Јорданчо Давитков е едно од имињата што најгласно се споменува во трката за нов претседател на КФСМ која, согласно најавите, дополнително се очекува да се вжешти во наредниот период, со поднесувањето иницијатива за Вонредно Собрание.

КФСМ преку соопштение објави дека свикување Редовно собрание е невозможно поради протоколите за одржување на јавни настани поради коронавирусот. Сепак, иницијаторите за негова смена не се откажуваат, неопходните потписи за иницијатива се веќе собрани, а се очекува по укинувањето на Вонредната состојба да биде закажано и Собранието на КФСМ на кое ќе се гласа за (не)доверба во работата на актуелното раководство.

Името на Давитков засега најгласно се споменува во кошаркарските кругови како можен кандидат за наследник на Антиќ. Тој има кошаркарско реноме како играч, тренер и селектор, а евентуалното доаѓање на претседателската функција за него би било „слатка одмазда“ кон Антиќ, кој реши да не му го продолжи договорот како селектор по доаѓањето на чело на КФСМ. Давитков моментно е без ангажман по истекот на договорот со Квадсија, тимот со кој македонскиот стратег освои се што можепе да се освои во Кувајт.

Тој засега не е достапен за коментар, но се очекува штом биде познат терминот за Вонредното Собрание на КФСМ да се интензивира и кампањата за смена на Антиќ. На ланското собрание на кое беше сменет Петар Наумоски и за нов претседател именуван Перо Антиќ, кандидат во трката до пред самото Собрание беше и тогашниот директор во федерацијата, Владимир Темелковски.

Се вчитува...