Давитков заминува од клупата на Македонија?!

Јорданчо Давитков ќе го напушти кормилото на македонската репрезентација откако го обезбеди првото место во претквалификациската рунда и обезбеди пласман во вторите претквалификации против Романија и Косово. Клупскиот ангажман претставува проблем за Давитков, откако му бил понуден договор од страна на раководството на Квадсија. Тимот од Кувајт му понудило далеку подобро финансиски услови на македонскиот селектор, но притоа јасно му ставило до знаење дека очекува поголема посветеност од него, намалувајќи го времето што Давитков би можел да го посвети на македонскиот национален тим.

Во ситуација кога МКФ очекува подолги подготовки во пресрет на новиот квалификациски циклус, Давитков и претседателот Наумоски не се на „иста бранова должина“, па се чини дека е невозможно да биде пронајден компромис за излез од големата криза.

Давитков за утре закажа прес-конференција на која што ќе ги открие плановите за својата иднина, но ЕКИПА дознава дека шансите за наоѓање на заедничко решение се минимални. Доколку тој си замине, челниците на МКФ ќе мора експресно да реагираат и да најдат стратег што би ја предводел репрезентацијата во дуелите со незгодните ривали.

Јорданчо Давитков се врати на клупата на Македонија минатото лето, но под негово водство го освоивме последното место зад Естонија и Косово во претквалификациите за СП 2019. Тој остана на чело на репрезентацијата и за првиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021, успевајќи да го освои првото место пред Швајцарија и Словачка.

Се вчитува...