Де Хеа го уништи Јунајтед, Челси во финалето на ФА купот

Челси ќе го предизвика Арсенал на „Вембли“ во финалето на ФА купот на Англија на 1 август. Тимот на Франк Лампард успеа да ги искористи невнимателните грешки на Давид де Хеа и славеше со 3-1 во полуфиналната пресметка од најстарото фудбалско натпреварување на Островот. Двата клуба од Манчестер го завршија патот во полуфиналето, лондонските ривали ќе играат финале.

Првото полувреме беше продолжено дури 11 минути поради повредата што ја заработи Ерик Баи по судирот со соиграчот Хари Мегваер. Токму во последните мигови од тоа продолженија на првиот дел, Оливие Жиру го отвори резултатот, откако Де Хеа слабо реагираше, а топката му мина низ нозе.

На самиот старт на второто полувреме Мејсон Маунт шутираше од 20 метри, а Де Хеа со уште една слаба интервенција дозволи Челси да поведе со 2-0. Во 74.минута, по шутот на Рудигер, Хари Мегваер ја затресе сопствената мрежа и тоа беше крај на надежите за „ѓаволите“ за влез во финалето.

Бруно Фернандеш од пенал во 85.минута го постигна единствениот гол за Манчестер Јунајтед на полуфиналниот дуел.

Се вчитува...