Де Јонг пропушта уште најмалку четири средби на Барса

Барселона ќе мора да се снаоѓа без помошта на Френки де Јонг и во следните петнаесетина дена откако беше обелоденето дека холандскиот плејмејкер ќе мора да отсуствува уште извесно време по повредата заработена пред дуелот со Севилја. Каталонците се мачеа да наметнат игра без Де Јонг при ремито со Севилја, а тренерот Сетиен сега ќе мора да се снаоѓа без скапото засилување и на наредните четири натпревари.

Барса преку клупско соопштение потврди дека Де Јонг има незгодна повреда на мускулот, притоа не наведувајќи колку ќе изнесува неговата пауза од терените. Сепак, медиумите повикувајќи се на извори од лекарскиот тим прогнозираат дека станува збор за пауза од најмалку две седмици, што би значело дела Де Јонг ќе прошушти минимум четири средби на својот тим. Распоредот не е нималку лесен, Барса во овие 15 дена треба да се сретне со Атлетик Билбао, Селта, Атлетико Мадрид и со Вилјареал, мора да се атакува на триумф на секој меч во трката за титулата со Реал, но задачата сериозно се отежнува кога во тимот ќе се нема најскапиот фудбалер за врска.

Барселона има три бода предност пред Реал Мадрид, но „кралевите“ вечерва му гостуваат на Реал Сосиедад во обид да го стигнат каталонскиот гигант и да се израмнат по бројот на бодови на врвот на табелата. Доколку двата тима ја завршат сезоната со ист број бодови, Реал Мадрид ќе биде шампион поради подобриот скор во меѓусебните дуели.

Се вчитува...