Де Коло во „аут“ со Химки, неизвесен и за фајналфор турнирот

ЦСКА Москва се соочува со огромен проблем откако рускиот гигант во клучниот дел од сезоната остана без својот најдобар кошаркар. Нандо де Коло настрада при еден дуел на премиерниот четвртфинален натпревар против Химки, а денешните лекарски прегледи донесоа лоша вест – станува збор за кинење на мускулот поради што францускиот кошаркар извесно време ќе мора да мине надвор од терените.

Според првичните информации паузата ќе изнесува најмалку дваесет дена, што значи дека Де Коло ќе биде „во аут“ за целата четвртфинална серија со Химки, па ЦСКА ќе мора да најде начин без својот најдобар играч да се пласира на Ф4 турнирот што ќе се одржи во Белград.

Овој фајналфор ќе се одржи од 18 до 20 мај, така што лекарскиот тим на ЦСКА Москва ќе има еден месец за целосно да го оспособи Де Коло за клучните битки за европскиот трон, доколку „армејците“ најпрвин ја добијат четвртфиналната серија со Химки.

Се вчитува...