Елиф Елмас преживува тешки моменти сезонава во Наполи, откако македонскиот репрезентативец е закован на клупата од новиот тренер Руди Гарсија. „Дијамантот“ го постигна првиот гол на минатонеделниот меч со Салернитана, но три дена подоцна не влезе ниту минута во ЛШ против Унион Берлин, иако Наполи бркаше резултат и го заврши тој натпревар со 1-1.
Нема сомнеж дека Елмас е исфрустриран, а во целата ситуација сега реагирал и претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис. „Наполитанските“ медиуми обелоденуваат дека Де Лаурентис на последниот состанок со Гарсија по мечот со Унион Берлин побарал во иднина тренерот да му дава повеќе шанси на Елмас да ги покаже своите квалитети. Причината е повеќе од јасна, Де Лаурентис летово одби 35 милиони евра за македонскиот ас, Елиф има уште само 18 месеци од актуелниот договор и со ваква улога во тимот воопшто не размислува за продолжување на соработката.
Тоа може да влијае на неговата цена на пазарот во јануарскиот преоден рок, а дефинитивно ќе ја спушти неговата вредност во летниот преоден рок доколку улогата на Елмас во тимот на Наполи во меѓувреме не се промени.
Покрај за Елмас, првиот човек на Наполи реагирал и за малата минутажа на Симеоне, кој не игра иако е повреден и Осимен, како и за Линдстром, на чиј ангажман инсистираше самиот тренер летово, но сега воопшто не му дава шанса на засилувањето од Ајнтрахт Франкфурт.
По ремито со Унион Берлин повторно се крена гласот од оние кои бараат смена на Гарсија, па останува да се види дали Де Лаурентис (кој се премисли на оваа тема минатиот месец) ќе се реши на ваков потег, што секако би била одлична вест и за Елмас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА