Де Лаурентис ќе ги избрише казните под еден услов

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, им порачал на фудбалерите на италијанскиот вицепрвак дека е подготвен да им ги избрише изречените казни под еден услов – доколку тимот излезе од кризата и ја заврши сезоната меѓу најдобрите четири екипи, обезбедувајќи пласман во Лигата на шампионите.

Тој го навлече бесот на „ѕвездите“ во тимот казнувајќи ги ригорозно поради непочитувањето на наредбата сите да заминат во тренинг-кампот по разочарувачкото реми со Салцбург во ЛШ. Санкционирани ќе бидат сите фудбалери, и тоа со вкупна сума од над 2,5 милиони евра, по што дел од играчите побараа дури и правна помош за да се борат против ваквата одлука на управата.

Во меѓувреме тимот продолжи со слаби игри и резултати, па на Де Лаурентис му стана јасно дека ќе загуби многу повеќе доколку кризата се продлабочи. Тој денеска им понудил на фудбалерите компромисно решение: парите од казните да им бидат исплатени на крајот на сезоната, но само доколку тимот стигне најмалку до четвртото место.

Тоа нема да биде нималку лесна задача со оглед на променливите настапи на „наполитанците“, но и добрата форма на Рома, која моментно е четвртопласирана заедно со Калјари, со по осум бода предност во однос на тимот на Елиф Елмас.

Се вчитува...