Де Роси и Рома продолжуваат заедно

Даниеле де Роси ќе ја води Рома и во наредната сезона откако поранешниот капитен на тимот максимално ги оправда очекувањата на навивачите и на управата, наследувајќи го Жозе Мурињо на кормилото на „римската волчица“.

Рома под негово водство заигра далеку поквалитетен фудбал, успеа да се искачи и на петтото место на табелата кое носи во Лигата на Шампионите (Италија моментно води на ранкинг-листата на УЕФА која би го одвела и петтопласираниот тим во ЛШ), па раководството на клубот реши да му понуди нов договор на Де Роси, ако се знае дека актуелниот истекуваше на крајот од оваа сезона.

„По состанокот со Даниеле де Роси, со задоволство можеме да објавиме дека тој ќе остане на чело на Рома и по завршувањето на сезонава. За краткото време што го мина овде како тренер донесе лидерство и позитивни промени, како продолжение на неговата неверојатна приказна со Рома. Лидерството на Даниеле го одбележуваат храброст и почит, додека неговата сила и доверба се истовремено и главни вредности на Рома. Ќе продолжиме да сорабтоуваме заедно за уште поблескава иднина на Рома, каква што нашите навивачи ја заслужуваат“, се вели во писмото на американските сопственици на клубот, Ден и Рајан Фридкин, објавено на официјалната веб-страница на Рома.

Се вчитува...